Faisal Mahmud
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Бројот на старото население во Јапонија достигна рекордно ниво, додека вкупниот број жители во земјата опаѓа трет пат по ред според податоците од пописот, објави денес „Кјодо њуз“, повикувајќи се на конечните резултати од пописот во 2025 година, пренесува Анадолу.
Лицата на возраст од 65 години и постари сочинуваа 29,4 % од населението на Јапонија во 2025 година, што претставува зголемување од 0,9 % во споредба со претходниот попис во 2020 година.
Вкупното население на Јапонија, вклучително и странските државјани кои живеат таму, се намали за 3,17 милиони, односно за 2,5 % во однос на 2020 година, достигнувајќи бројка од 122.972.528 жители заклучно со 1 октомври 2025 година.
Пописот, што се спроведува на секои пет години уште од 1920 година, покажува пад на бројот на населението трет пат по ред.
Во исто време, 30,1 % од населението се концентрирани во метрополитенската област на Токио, со што за првпат е надминат прагот од 30 %.
Демографскиот пад на Јапонија е проследен со постојано ниска стапка на наталитет.
Според податоците на Министерството за здравство, земјата регистрирала 671.236 раѓања меѓу жителите на Јапонија во 2025 година, што е намалување за 14.937 во однос на претходната година и најниска бројка откако почнале да се водат споредливи евиденции во 1899 година.
Вкупната стапка на фертилитет исто така е опадната на рекордно ниско ниво од 1,14, во споредба со 1,15 во 2024 година.
Сепак, прелиминарните податоци на Министерството за здравство покажаа 342.068 раѓања во првата половина на 2026 година (вклучително и странски државјани), што претставува зголемување од 0,8 % на годишно ниво и прв пораст за периодот јануари-јуни во последните 11 години.