Diyar Güldoğan
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Американскиот државен секретар Марко Рубио денес изјави дека Куба веќе „пропаднала“, опишувајќи ја островската држава како пропадната држава со нефункционална економија и Влада, пренесува Анадолу.
Во интервју за „Фокс њуз“, Рубио оцени дека политичкиот и економскиот систем на Куба не успеале да обезбедат значајни придобивки за населението и дека на земјата ѝ е потребен период на транзиција кон поголеми политички и економски слободи.
„Па, вистината е дека Куба веќе пропадна“, рече тој. „Таа нема функционална економија и со неа управуваат луѓе кои и натаму проповедаат за некаква револуција која е мртва веќе 20 години.“
Рубио рече дека политичкиот модел на кубанската Влада не успеал да создаде функционална економија или влада.
„Проблемот со кој Куба во суштина се соочува сега е тоа што е пропадната држава во секоја смисла на зборот“, рече тој. „Тоа не е функционална влада и не е функционална земја. Едноставно не е.“
Тој посочи и на миграцијата од Куба како показател за економските тешкотии со кои се соочува земјата. Рече дека од 2021 година речиси 20 % од населението на Куба ја напуштиле земјата, опишувајќи ја миграцијата како последица на „целосен неуспех“.
„Се надеваме дека Куба ќе избере поинаков пат“, рече Рубио.
Рубио оцени дека само економските реформи нема да бидат доволни за суштинска промена на состојбите во земјата. Според него, политичките слободи треба да одат паралелно со економските промени.
„Всушност, не можете да имате економска слобода во Куба ако прво немате политичка слобода“, рече тој.
„И двете мора да се случуваат најмалку истовремено. За тоа ќе биде потребен период на транзиција.“