Göksel Yıldırım, Fuat Kabakcı
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Лансирните системи на турската одбранбена компанија „Рокетсан“ ќе придонесат за обезбедување независен пристап на Турција до вселената, во услови кога Анкара ги зголемува инвестициите во сателитски системи, со цел да заземе поголем удел во глобалната вселенска економија, јавува Анадолу.
Извршниот директор на „Рокетсан“, Мурат Икинчи, во разговорот за Анадолу пред 77. Меѓународен астронаутички конгрес (ИАЦ), кој ќе се одржи во Југозападна Турција, изјави дека се работи на развој на домашни платформи за доставување тешки товари во орбитата. Компанијата се фокусира на лансирните системи за сателити „Шимшек 1“ и „Шимшек 2“, развиени во координација со Агенцијата за одбранбена индустрија (ССБ).
„Земјите што доминираат во вселенскиот сектор, особено оние што ги поседуваат овие технологии, не ги споделуваат основните технологии, како навигацијата, погонот, термичките технологии или материјалите со другите земји. Затоа, преку нивно обединување во нашиот центар за извонредност, основан во 2020 година, како и преку соработка со универзитетите и индустриските партнери, настојуваме да се етаблираме како значаен играч во вселенскиот сектор“, рече тој.
Икинчи истакна дека „Рокетсан“ од 2016 година спровела повеќе тестирања на истражувачки ракети за да ги потврди домашно развиените решенија за вселенски летови бидејќи трендот глобалните лидери во воздухопловната и вселенската индустрија да ги задржуваат сопствените технологии ја поттикнал Турција да развива сопствени суверени капацитети.
„Во голема мера го завршивме процесот на потврдување на решенијата што ги развивме за вселената и стекнување искуство во вселенските активности со успешното лансирање на ‘Шимшек 1’ во првата фаза, а потоа и на ‘Шимшек 2’“, додаде тој.
Програмата „Шимшек 1“ има цел да развие лансирно возило способно да постави товар од 400 килограми во орбитата на височина од 500 километри.
Врз основа на оваа програма, минатата година бил потпишан договор за системот „Шимшек 2“, кој треба да има капацитет да достави товар од 1,5 тони во орбитата на височина до 700 километри.
„Рокетсан“ планира да го комерцијализира системот „Шимшек 2“ преку глобални партнерства, позиционирајќи ја Турција како глобален оператор за лансирање сателити за своите сојузници.
Компанијата воспоставила и синџир на одбранбени и воздухопловно-вселенски набавувачи со речиси 2.500 активни деловни партнери за поддршка на производствените цели. Поголем дел од нив моментно учествуваат во производството на ракети, додека компанијата работи на унапредување на капацитетите на квалификуваните набавувачи за да може да учествуваат во глобални вселенски проекти.
„Цел на ‘Рокетсан’ е да создаде екосистем и да изгради целосен синџир на снабдување за да не се соочуваме со значителни тешкотии при натпреварувањето на пазарот“, рече Икинчи.
Тој истакна дека компанијата соработува со голем број партнери, меѓу кои универзитети, јавни институции, како вселенскиот оддел на Турскиот совет за научно и технолошко истражување (ТУБИТАК), како и турското Министерство за индустрија и технологија.
Икинчи наведе дека „Рокетсан“ е еден од клучните учесници во Националната вселенска програма на Турција и нејзините лунарни цели.
„Ја презедовме одговорноста за развој на платформите што ќе ги носат нашите товари во вселената, што е една од најкритичните компоненти на оваа програма“, рече тој.
Тој посочи дека лунарната програма бара координација меѓу институциите и сојузничките земји што, според него, дополнително ќе го забрза напредокот на Турција во истражувањето на длабоката вселена.
Икинчи додаде дека „Рокетсан“ е еден од главните спонзори на ИАЦ 2026, кој ќе се одржи во Анталија, каде што компанијата ќе поттикнува нови научни соработки.