Ayhan Şimşek
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
БЕРЛИН (АА) – Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес се спротивстави на повикот на американскиот претседател Доналд Трамп земјите да се повлечат од Меѓународниот кривичен суд (МКС), велејќи дека Германија ќе застане зад Судот во Хаг, пренесува Анадолу.
„Тој е дел од поредокот заснован врз правила. Тој е дел од историјата на нашата цивилизација“, изјави Јохан Вадефул за јавниот радиодифузер „Дојчландфунк“.
„Сосема е јасно дека сме со Меѓународниот кривичен суд“, додаде тој.
Вчера Трамп ја започна дебатата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, нарекувајќи го Судот „злобна група луѓе“ и нагласено порача: „Ги повикувам сите земји што се членки на МКС официјално веднаш да се повлечат од оваа 'oдметната институција'.“
„Искрено, не го разбирам ниту овој повик во суштина“, продолжи Вадефул. „Тоа спаѓа во областите во кои навистина мора да забележиме жална разлика со политиката на американската администрација.“
Шефот на германската дипломатија нагласи дека МКС е важна институција за заштита на меѓународното право и човековите права и за повикување на одговорност на поединци за воени злосторства и злосторства против човештвото.
„Неодамна видовме како пресудите и одлуките од минатото и сегашноста се однесуваа на злосторствата и најтешките прекршувања на меѓународното право и човековите права на Западен Балкан“, рече тој.
„Природно и понатаму ни е потребен овој судски механизам на меѓународно ниво“, додаде Вадефул.
САД не се членка на Судот, а за време на мандатот на Трамп ги засилија санкциите против институцијата и некои од нејзините функционери.
Притисокот од Вашингтон се засили откако судиите на МКС во ноември 2024 година издадоа налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и тогашниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото извршени врз палестинските цивили во Газа.