Merve Berker
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Посредници вршат притисок врз Иран да направи отстапки во својата нуклеарна програма во обид да ги обноват преговорите со САД за прекин на огнот, објави „Волстрит џурнал“, јавува Анадолу.
Иницијативата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп го одби иранскиот предлог за седумдневен прекин на огнот, со кој би било овозможено повторно отворање на Ормускиот Теснец и прекин на американската блокада на иранските пристаништа, според весникот.
Посредниците го опишаа напорот како обид со мали шанси за успех да се постигне напредок со Техеран во врска со неговата нуклеарна програма, додека Иран досега даде малку знаци дека е подготвен да разговара за ова прашање.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера изјави дека Техеран и понатаму е отворен за преговори, но дека ќе одговори на обновена воена акција.
„Целосно сме подготвени за продолжување на војната“, рече Арагчи за „Ен-би-си њус“, одговарајќи на прашањето за извештајот на „Волстрит џурнал“.
„Цврсто стоиме пред лицето на секоја нова агресија, дури и ако тоа доведе до војна на судниот ден. Но, истовремено сме подготвени за дипломатија. На претседателот Трамп е да избере“, додаде тој.
Арапските посредници рекоа дека Иран нема направено отстапки откако Трамп го одби неговиот предлог за прекин на огнот, додека претставници од земјите од Заливот рекоа дека Техеран сака Вашингтон да понуди отстапки пред да продолжат преговорите.
Катарскиот премиер шеик Мухамед бин Абдулрахман бин Џасим ал Тани, чија земја пренесува пораки меѓу Вашингтон и Техеран, рече дека конфликтот станува сè потежок за решавање.
„Овој конфликт е многу сложен“, рече тој претходно во Њујорк, на специјалното издание на Катарскиот економски форум во рамки на Генералното собрание на ОН.
Иран сака Вашингтон да се врати на Меморандумот за разбирање постигнат во јуни, кој предвидуваше повторно отворање на Ормускиот Теснец и постепено започнување на нуклеарни преговори во замена за мерки, меѓу кои ублажување на санкциите, одмрзнување на милијарди долари ирански средства што се чуваат во странство и прекин на американската блокада.
Американските претставници, сепак, рекоа дека Трамп повеќе не сака да се врати на тој договор, додека Вашингтон ги заостри санкциите и ја продолжи блокадата.
Висок претставник од Блискиот Исток, вклучен во преговорите, рече дека Иран би можел да направи компромис во врска со својата нуклеарна програма, но би барал експлицитни гаранции дека Израел нема повторно да нападне по евентуален договор меѓу САД и Иран.