Dilara Hamit
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Ватсап вчера соопшти дека воведува опционални родителски контроли за тинејџерите, со што на родителите им овозможува поголем надзор врз поставките за приватност и онлајн интеракциите, без да им дозволи да ги читаат разговорите на нивните деца, јавува Анадолу.
Апликацијата за размена на пораки соопшти дека родителите ќе може да одредат кој може да ја гледа профилната фотографија на тинејџерот, кој може да го додава во групи и како тој ги користи функциите, вклучително и Каналите и Статусот.
Родителите ќе добиваат известувања кога нивниот тинејџер ќе се вклучи во група или ќе ја напушти, како и кога бројот на членови во група во која учествува нивното дете значително ќе се зголеми.
Контролите ќе бидат заштитени со ПИН-код што го поставува родителот. Тинејџерите што сакаат да ги намалат ограничувањата на поставките за приватност ќе треба да добијат одобрение од родителот преку ПИН-кодот.
Родителите, исто така, ќе може да изберат како нивното дете ја користи Мета АИ, опционалниот асистент со вештачка интелигенција на Ватсап. Тие ќе може да избираат меѓу стандардната поставка наменета за корисници на возраст од 13 години и постари или построгата опција означена како „Ограничена содржина“.
И покрај дополнителните контроли, родителите не ќе можат да ги гледаат или слушаат приватните пораки и повици на нивните тинејџери.
„Дури и кога се вклучени контролите, личните пораки и повици на вашиот тинејџер остануваат приватни и заштитени со енкрипција од крај до крај“, наведе Ватсап во своето соопштение.
Компанијата соопшти дека алатките се наменети да поттикнат разговори меѓу родителите и тинејџерите за нивното користење на платформата, притоа зачувувајќи ја приватноста на личните комуникации.
Родителите ќе може во секое време да ги вклучат или исклучат контролите. Ватсап соопшти дека учеството ќе биде целосно доброволно бидејќи различните семејства имаат потреба од различно ниво на надзор.
Сепак, доброволниот карактер на системот отвори прашања за тоа колку широко ќе биде прифатен.
Соопштението е дадено во време кога технолошките компании се соочуваат со зголемен притисок од владите и регулаторите да ги направат своите услуги побезбедни и посоодветни за деца според нивната возраст.
Се очекува предложената забрана да опфати услуги како Инстаграм, Фејсбук, ТикТок, Снепчет, Јутјуб и Х, заедно со построги барања за проверка на возраста.