Mohammad Sio
23 Септември 2026•Ажурирано: 23 Септември 2026
Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денес изјави дека Голанската Висорамнина, окупирана од Израел, ќе остане сириска територија и дека сите мерки за анексија се ништовни според резолуциите на Советот за безбедност на Обеднетите нации, јавува Анадолу.
Обраќајќи се на 81. седница на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Ал-Шара рече дека обидите за наметнување факти на терен не може да го поткопаат суверенитетот на Сирија, владеењето на правото или применливоста на меѓународното право.
„Голанската Висорамнина ќе остане сириска територија“, рече тој, додавајќи дека сите мерки за анексија се неважечки според Резолуцијата 497 на Советот за безбедност на ОН.
Ал-Шара се осврна и на гласањето во Генералното собрание на ОН во декември 2025 година, на кое 123 земји ја поддржаа резолуцијата во врска со окупираниот сириски дел од Голанската Висорамнина, при што им се заблагодари на земјите што ја поддржаа и ги повика оние што се воздржаа да ја преиспитаат Резолуцијата 497.
Тој го обвини Израел за изведување на речиси 500 воздушни и артилериски напади, повеќе од 1.200 упади и околу 300 апсења и притворања на Сиријци, наведувајќи дека овие дејства ја загрозуваат стабилноста на Сирија, му пркосат на глобалниот консензус и ги оживуваат болните сеќавања на ерата што Сиријците едвај успеале да ја остават зад себе.
Сирискиот претседател изјави дека Дамаск останува посветен на Договорот за неангажирање на силите од 1974 година и продолжи да повикува на повлекување на израелските сили на линиите што ги држеле пред 8 декември 2024 година.
Тој ги отфрли обидите на Израел да наметне „нови факти на терен“ и рече дека израелските дејства низ регионот ги поткопуваат безбедноста и стабилноста.
Ова обраќање беше второ последователно појавување на Ал-Шара пред Генералното собрание на ОН. Тој присуствуваше на 80. седница во септември 2025 година, станувајќи прв сириски претседател што учествувал на собирот од 1967 година.