Средба Мицкоски - Фон дер Лајен: ЕУ ја пречекува Северна Македонија со нејзиниот идентитет и јазик
- „Преспанскиот договор беше момент на вистинска политичка храброст, кога две земји избраа да свртат нова страница и заедно да го напишат следното поглавје од историјата. Тој ја отвори вратата за членството во НАТО.“
Abdulbesar Ademi, Elena Trenchevska Chekovic
02 Октомври 2026•Ажурирано: 02 Октомври 2026
photo: Umeys Sulejman / AA
СКОПЈЕ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во официјална посета на Северна Македонија, го оцени Преспанскиот договор меѓу земјата и Грција како пример за „вистинска политичка храброст“, истакнувајќи дека тој го отворил патот за членството на Северна Македонија во НАТО и покажал како политичките одлуки можат да придонесат за градење заедничка иднина, јавува Анадолу.
„Преспанскиот договор беше момент на вистинска политичка храброст, кога две земји избраа да свртат нова страница и заедно да го напишат следното поглавје од историјата. Тој ја отвори вратата за членството во НАТО. А денес, Северна Македонија е ценет сојузник“, изјави Фон дер Лајен по средбата со претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски.
Осврнувајќи се на процесот на пристапување на земјата во ЕУ, Фон дер Лајен рече дека Северна Македонија има пред себе клучен чекор за да продолжи напред и да го отвори кластерот на темелните вредности, при што ги призна чувствителностите поврзани со ова прашање.
„Ја пречекуваме Северна Македонија со нејзиниот идентитет и јазик. Веруваме дека македонската култура и јазик можат само да ја збогатат нашата Унија, бидејќи нашето мото е различност и единство, и ние го сфаќаме тоа многу сериозно“, изјави таа.
Нагласи дека ЕУ и Северна Македонија на сличен начин заеднички работат на зајакнување на безбедноста, додавајќи дека земјата е исто така дел од Коалицијата на волните и ја пофали нејзината поддршка за Украина по започнувањето на војната со Русија.
„Кога една пријателска земја и друга европска нација беа нападнати, Северна Македонија застана во нејзина поддршка“, рече таа, додавајќи дека решителноста на земјата во поддршка на Украина била „исто толку силна како и онаа на нашата Унија“.
- Мицкоски: Сакаме процесот кон ЕУ да биде фер и заснован на јасни правила -
Премиерот Мицкоски, од своја страна, на прес-конференцијата истакна дека европската определба на земјата останува непроменета и оти Скопје очекува пристапниот процес кон Европската Унија да биде фер и заснован на јасни правила.
„Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета, сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел. Истовремено, веруваме дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од сите европски институции“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека на средбата со Фон дер Лајен било разговарано за реформите, динамиката на пристапниот процес, како и за предизвиците што со години го оптоваруваат патот на Северна Македонија кон ЕУ.
„Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи кои се очекуваат од една земја која сака да стане членка на ЕУ“, рече Мицкоски.
Говорејќи за предизвиците со источниот сосед, Бугарија, тој истакна дека Северна Македонија сака тие прашања да се надминуваат преку дијалог, во добра волја и со заемно почитување.
„Очекуваме да биде вклучена и Европската Унија во овој процес. Не бараме од неа да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека секое решение треба да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања.
„Нашата цел не е да го одложуваме процесот, туку да создадеме услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа“, рече премиерот.
Мицкоски истакна дека европскиот пат на Северна Македонија не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат процесот, нагласувајќи дека земјата продолжува со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, подобрувањето на деловната клима, дигитализацијата и образованието.
Тој посочи дека реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и изрази очекување оваа динамика да продолжи.
„За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство, преку поголем пристап до европскиот пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите“, рече Мицкоски.
Според него, постепената интеграција е важен дел од процесот европската перспектива да стане видлива и конкретна за граѓаните.
„Планот за раст е поставен токму врз оваа логика – успех, пристап кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економската конвергенција со Унијата“, додаде Мицкоски.
Тој истакна дека целта е Северна Македонија дома да изгради држава која според своите институции, стандарди и економски можности ќе функционира како европска држава.
„Нашата цел е јасна, нашата подготвеност за работа е неспорна и потврдена, нашите очекувања се разумни, засновани на европски принципи. Сакаме процес што ќе се движи напред и што ќе создава резултати“, заклучи Мицкоски.