Melike Pala
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Арктикот е подложен на брзи промени, додека топлотните бранови во морињата достигнуваат рекордни нивоа во европските мориња, се наведува во новиот извештај што денес го објави европската Служба за мониторинг на атмосферата „Коперник“, јавува Анадолу.
Зголемувањето на температурите на океаните предизвикува значителни промени во морињата во светот, со последици врз морските екосистеми, крајбрежните заедници и економиите, се наведува во извештајот.
Арктикот е идентификуван како еден од регионите што претрпуваат најголеми промени.
Површината на арктичкиот морски мраз се намалувала за околу 490.000 квадратни километри на секоја деценија во периодот од 1979 до 2025 година, што претставува површина речиси колку Шпанија, се наведува во извештајот.
Намалувањето на морскиот мраз придонело за зголемена активност на ветровите и брановите, поради што околу 60% од крајбрежната инфраструктура на Арктикот е изложена на ризик од ерозија и пораст на нивото на морето, се додава.
Во извештајот се посочуваат и исклучително високите температури во регионалните мориња во Европа.
Средоземното и Црното Море во 2024 година забележале рекордни топлотни бранови, при што температурите биле повеќе од 4,6 Целзиусови степени над нормалните вредности.
Нивото на морето на глобално ниво, исто така, продолжило да расте, при што просечната стапка на пораст од 2012 година изнесува околу 4,2 милиметри годишно.