Diyar Güldoğan
24 Септември 2026•Ажурирано: 24 Септември 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера замина од Њујорк по завршувањето на четиридневната посета, јавува Анадолу.
Ердоган, заедно со првата дама Емине Ердоган, пристигна во Њујорк во неделата за да присуствува на 81. сесија на Генералното собрание на ОН.
Во понеделникот Ердоган се сретна со повеќе светски лидери, меѓу кои и со неговиот виетнамски колега То Лам, како и со либанскиот премиер Наваф Салам.
Во вторникот претседателот се обрати на Генералното собрание на ОН, каде што изрази солидарност со Палестина.
„Сакам повторно да истакнам дека иако господинот Абас не може лично да биде присутен овде, ние, како и минатата година, ќе продолжиме да бидеме гласот на слободната и суверена држава Палестина и од оваа говорница да му ја пренесуваме на светот борбата на палестинскиот народ“, рече Ердоган, мислејќи на палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Тој дополнително ги повика сите земји кои сè уште не ја признале државата Палестина да ја преиспитаат својата одлука.
Ердоган вчера се обрати на состанокот на високо ниво за климата, свикан од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на маргините на заседанието на Генералното собрание.
„Турција ќе биде домаќин на Конференцијата на ОН за климатски промени, односно КОП31, во Анталија од 9 до 20 ноември, при што се работи на тоа самитот да биде настан на кој одлуките за климатските промени ќе се преточат во конкретни активности“, рече Ердоган.
Претседателот исто така одржа разговори на маргините со свои колеги, меѓу кои и со украинскиот претседател Владимир Зеленски, за билатералните односи и регионалните и глобалните прашања.
Ердоган исто така присуствуваше на повеќе настани со претставници на турските граѓани кои живеат во САД, членови на турско-американската деловна заедница и претставници на тинк-тенк организации.