Darren Lyn
24 Септември 2026•Ажурирано: 24 Септември 2026
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува воведување 90-дневна забрана за извоз на дизел во обид да ги намали зголемените цени на енергенсите, објави вчера новинскиот портал „Политико“, пренесува Анадолу.
Извори запознаени со планот изјавиле за „Политико“ дека Белата куќа настојува да ги намали високите цени на горивата, кои се товар за републиканците во пресрет на конгресните избори на 3 ноември.
Американските производители на гориво се противат на забраната и ги предупредиле федералните власти дека „секој краткорочен бенефит би бил надминат од повисоките цени на горивото во иднина“.
Доколку биде воведена, забраната би била првото ограничување на извозот на енергенси од САД откако администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама во 2015 година ја укина повеќедецениската забрана за извоз на нафта, според наводите.
Цените на дизелот во моментов достигнаа рекордно високо ниво од околу 6,52 долари за галон, во споредба со 2,83 долари за галон минатата година, според Американската автомобилска асоцијација (AAA).
Според наводите, наглото зголемување на цените се должи на војната на администрацијата на Трамп против Иран, како и на нападите на Украина врз руските рафинерии.
Во пресрет на средномандатните избори, на кои републиканците се обидуваат да го задржат мнозинството и во Претставничкиот дом и во Сенатот, високите цени на енергенсите им создаваат проблеми на републиканските кандидати кои се борат за реизбор. Токму затоа, според изворите на „Политико“, претседателот Доналд Трамп се обидува да ја спроведе забраната.
Извршен директор од нафтената индустрија изјавил за „Политико“ дека Трамп е наклонет кон тоа да ја објави забраната до крајот на неделата и дека претседателот смета оти евентуалните негативни последици се „проблем за декември“.
„Она што ги надвладеа повоздржаните гласови во Белата куќа е апсолутната загриженост дека цените на бензинските пумпи растат до небо и дека мора да направиме нешто“, изјави нафтениот извршен директор.
„Тој табор беше надвладеан од политичкиот табор, кој вели: ‘По ѓаволите, нешто мора да се направи’“, додал тој.
Белата куќа и Министерството за енергетика не ги потврдија наводите.
„Ова е уште една лажна вест на ‘Политико’“, изјавил претставник на Белата куќа.
Индустриските експерти предупредија дека забраната за извоз на дизел би имала домино-ефект врз остатокот од светот, посочувајќи дека „земјите низ светот станале сè позависни од американскиот дизел“.
„Забраната за извоз на дизел од САД би ги влошила постојните сериозни нарушувања на глобалниот пазар на дизел и би предизвикала дополнително зголемување на цените надвор од САД на краток рок“, изјави Дејвид Оксли, главен економист за климатски прашања и суровини во „Капитал економикс“, во изјава за „Политико“.
„Сепак, имајќи предвид дека вишокот дизел во САД парадоксално би можел да ги принуди американските рафинерии да го намалат снабдувањето со нафтени деривати – потенцијално во рок од неколку недели – забраната на крајот би била контрапродуктивна“, додаде Оксли.