Efe Özkan
22 Септември 2026•Ажурирано: 22 Септември 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги критикуваше „Си-ен-ен“, „Политико“ и „МС НАУ“ откако трите медиумски организации поднесоа тужба со која ја оспоруваат одлуката на Белата куќа да им забрани на нивните новинари пристап до Претседателскиот комплекс, јавува Анадолу.
Трамп во објава на својата платформа „Трут соушал“ ги нарече тие медиумски куќи „лажни вести“ и рече дека не треба да имаат пристап до Овалната соба.
„Се вика Овална соба и кон неа треба да се однесува со пристојност, почит и достоинство, а не да ја осквернуваат третокласни кловнови, кои намерно ги искривуваат, извртуваат и деградираат работите со сè што пишуваат или објавуваат“, напиша тој.
„Речиси секоја сторија за мене или за што било поврзано со мене е негативна, погрешна и, во многу случаи, опасна за нашата земја! Без оглед на тоа колку се големи моите достигнувања, тие ги минимизираат и омаловажуваат“, додаде Трамп.
Додаде дека ќе „направи сè што е неопходно за да се осигури дека САД напредуваат“, бидејќи „лажните вести се закана за демократијата“.
Одделно, членовите на телевизискиот пул на Белата куќа, составен од „Еј-би-си њус, „Си-би-ес њус“, „Си-ен-ен“, „Фокс њус медиа“ и „Ен-би-си њус“, објавија заедничко соопштение во знак на солидарност со медиумите на кои им е забранет пристап.
„Јавноста има суштински интерес да добива точни, независни информации за својата Влада“, соопштија членовите на пулот, додавајќи: „Ниту една администрација не треба да ограничува новинска организација затоа што не ѝ се допаѓа нејзиното известување.“
Петте големи телевизиски мрежи вчера изутрина го прекинаа известувањето во знак на протест поради забраната на Белата куќа за пристап на новинарите од „Си-ен-ен“, „МС НАУ“ и „Политико“.
Вчерашната цремонија на пресекување лента во Белата куќа, на која присуствуваше Трамп опкружен со работници со заштитни шлемови и елеци, беше емитувана од американскиот медиум „Њусмакс“ само со видео, без звук, бидејќи прес-пулот не присуствуваше.
„Вашингтон пост“, исто така, соопшти дека нема да објавува фотографии од претседателските настани, приклучувајќи им се на другите медиуми во знак на поддршка.