Dzihat Aliju
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Поминаа осум години од консултативниот референдум одржан на 30 септември 2018 година во Северна Македонија, со цел решавање на повеќегодишниот спор со Грција околу името на земјата.
По повеќегодишните преговори под покровителство на Обединетите нации (ОН), Преспанскиот договор потпишан меѓу Македонија и Грција во јуни 2018 година и референдумот што следуваше резултираа со промена на уставното име на земјата во Република Северна Македонија, а истовремено се отвори пат за отстранување на приговорите на Атина кон процесите за членство на земјата во НАТО и Европската Унија (ЕУ).
На референдумот одржан на 30 септември 2018 година на граѓаните им беше поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција?“
На референдумот излегоа 36,91 отсто од вкупниот број гласачи, со што не беше постигнат потребниот цензус за излезност од 50 отсто од вкупниот број регистирани гласачи. Од гласачите што излегоа на референдум, 91,46 отсто гласаа „за“.
По референдумот започна процесот на уставни измени предвиден со договорот. По одобрувањето од Собранието на Македонија, и Собранието на Грција го ратификуваше Преспанскиот договор.
Уставното име на земјата официјално стана Република Северна Македонија на 15 февруари 2019 година.
- Членството во НАТО е реализирано -
По Преспанскиот договор се забрза процесот за членство на Северна Македонија во НАТО. Земјите членки на НАТО во февруари 2019 година го потпишаа протоколот за пристапување на земјата во Алијансата.
По завршувањето на потребните национални постапки за ратификација, Северна Македонија на 27 март 2020 година стана 30. членка на НАТО.
Со тоа членството во НАТО, едно од најважните достигнувања на референдумот од 2018 година и Преспанскиот договор, беше завршено за околу 18 месеци.
- Продолжува процесот за членство во ЕУ -
Процесот кон целта за членство на Северна Македонија во ЕУ не напредуваше со исто темпо како процесот за членство во НАТО.
Во јуни 2022 година ЕУ донесе одлука за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија, додека за фактичко напредување на преговорите е предвидено отворањето на поглавјата за членство во ЕУ да започне откако Северна Македонија ќе ги направи потребните уставни измени што произлегуваат од билатералниот протокол потпишан со Бугарија.
Во овој контекст, меѓу другото, потребно е Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија.
Во Северна Македонија, која не може да отвора поглавја со ЕУ без внесување на Бугарите во Уставот, за тоа е потребно двотретинско мнозинство во Собранието со 120 пратенички места, односно 80 пратеници.
Според овие измени, во формулацијата во Уставот во која се наведуваат „граѓаните на Северна Македонија: Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите и Бошњаците“ треба да бидат додадени и „Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните“.
Во евроатлантскиот интегративен процес на Северна Македонија, започнат со Преспанскиот договор и обликуван со референдумот во 2018 година, членството во НАТО е завршено, а продолжува политичкиот и уставниот процес за членство во ЕУ.