Necva Taştan Sevinç
25 Септември 2026•Ажурирано: 25 Септември 2026
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски предупреди дека Русија можеби подготвува голема операција годинава и би можела да изведе напад со лажно знаме за да го оправда натамошното зголемување на мобилизацијата, пренесува Анадолу.
„Добиваме информации, не ги откриваме изворите, но има многу (извори), дека Русија подготвува нешто големо годинава“, рече Сикорски во Советот за надворешни односи во Њујорк вчера, според полскиот радиодифузер ТВП Ворлд.
„Сметам дека на Путин му е потребен повод за мобилизација, па би можеле да изведат напад со лажно знаме и да му кажат на рускиот народ: ‘Нападнати сме и затоа треба да се мобилизираме’“, додаде тој.
Сикорски не прецизираше на што би можело да се однесува пријавената операција. На прашањето за можни сценарија, тој рече дека Белорусите се загрижени дека би можело да бидат вовлечени во војната во Украина.
Исто така, тој предупреди дека балтичките земји со руско малцинство би можело да се соочат со ескалација, оценувајќи дека НАТО мора да биде подготвен да одврати потенцијална агресија. Целосна руска инвазија врз членка на НАТО би била „лудост“, рече тој, сугерирајќи дека Москва би можела наместо тоа да преземе помалку експлицитна акција, што би му отежнало на сојузот да ја активира клаузулата за заемна одбрана од член 5.
Сикорски рече дека Русија би можела да ја продолжи војната во Украина уште една или две години и покрај економскиот притисок, освен ако украинските напади не уништат повеќе од половина од нејзиниот капацитет за рафинирање на нафта.